Кошаркарите на НБА шампионот Денвер Нагетс извојуваа убедлива победа над Јута Џез со 142-121 во најефикасниот натпревар на вечерта во НБА лигата.

Нагетси фантастично го отворија натпреварот, не препуштија ништо на случајноста, а веќе по првото полувреме имаа предност од дури 34 поени. Јута, за да избегне еден од најтешките порази во историјата, тргна поофанзивно по паузата. Додека Мајк Мелоун размислуваше како да ги подели минутите и да ги одмори главните ѕвезди, а третиот период „џезерите“ го добија со 44-24 и најавија епски пресврт.

 

Сепак, тоа не се случи. Мелоун ги врати своите ударни асови на теренот, а Денвер мирно ја контролираше играта до крајот и забележа нова победа. Џамал Мареј беше најефикасен со 37 поени, додека српскиот ас Никола Јокиќ натпреварот го заврши со 26 поени, шест скока и осум асистенции.

На другата страна најдобар беше Кијонте Џорџ со 29 поени, додека искусниот Џордан Кларксон постигна 22 поени. Денвер сега има 44-20, додека Јута 28-36.

На останатите натпревари Голден Стејт неочекувано загуби од Сан Антонио Спарс со 113-126, додека Торонто по продолжението загуби од Портланд со 128-118.