Кошаркарите на Барселона го победија Реал Мадрид со 71:69 во вториот натпревар од финалето на АЦБ лигата.

Барселона со оваа победа го изедначи резултатот во серијата на 1-1, откако Реал со одлична игра триумфираше во првиот меч.

Натпреварот беше неизвесен до самиот крај, но Барса сепак успеа да ја „извлече“ победата, иако беше ослабена со неиграњето на Абринес, Ориола и Ексум.

Тимот на Реал многу подобро го отвори натпреварот. По пет минути игра Барса постигна само два поени. Тогаш се чинеше дека вториот натпревар ќе има сличен исход како првиот.

Сепак, Барса брзо се врати. Од втората четвртина беше вистинска резултатска клацкалка, а на полувремето беше нерешено.

Во третиот дел екипите повторно се менуваа во водство, но Барса успеа да го реши овој период од играта во своја полза, па во последниот дел се влезе со резултат 56:54 за домашните.

Барселона почна добро во четвртата четвртина. Со серијата што ја иницираше одличниот Никола Миротиќ, Барса дојде до предност од седум поени, но Реал успеа да ја анулира таа разлика.

Барселона во неизвесниот финиш успеа да триумфира против својот ривал и со тоа да го израмни резултатот во оваа серија.

Реал Мадрид имаше шанса за победа во последниот напад, но Козер промаши тројка.

Реал ја освои топката со офанзивен скок, но Руди Фернандез се заплетка и тука беше крајот – победи Барселона.

Во редовите на Барселона најдобар беше веќе споменатиот Миротиќ, кој натпреварот го заврши со 26 поени и седум скока. Многу важни поени за Барселона во самата завршница постигна и Хигинс.

Кори Хигинс постигна 10 поени. Дејвис и Лапровитола имаа по осум поени.

Во тимот на Реал Мадрид, Јабуселе постигна 16 поени и 11 скока, додека Валтер Таварес натпреварот го заврши со 10 поени и четири скока.

Третиот натпревар се игра во Мадрид во петок.