Првиот финалист во ракометната Лига на шампиони е екипата на полскиот шампион Виве Киелце која денеска во првото полуфинале на фајналфорот во Келн го совлада унгарскиот Веспрем со резултат 37:35 (16:18).
Веспрем беше нешто подобар ривал во првото полувреме и имаше блага резултатска предност од „плус два“ на полувремето – 18: 16.
Сепак, поинаква слика на теренот во вториот дел. Голманите на Веспрем не беа расположени за разлика од противничките, а тимот на Виве Киелце најави пресврт со серија од 4-0, кога поведе со 23:20.
Проектилот што Сичко го испрати на влезот во последните пет минути можеби беше пресуден за исходот на овој меч, потоа Виве Килце поведе со 35:31, потоа Ненадиќ не го искористи следниот напад на Веспрем и тука беше крајот на приказната.
Сепак, Веспрем на две минути пред крајот успеа да дојде до 35:33, но не повеќе од тоа. Избраниците на Талент Душебаев успеаја да ја сочуваат предноста во самиот финиш и да изборат пласман во финалето.
Морито беше најефикасен во победничкиот тим со осум гола, а пет постигна хрватскиот репрезентативец Карачиќ.
Во тимот на Веспрем се истакна триото Ненадиќ, Штрлек и Лауге со по седум гола.
Од 18 часот се игра вториот полуфинален натпревар, а се среќаваат германски Кил и шпанска Барселона.