Македонските судии Начевски и Николов ќе го судат финалето на СП во ракомет, во Стокхолм. Македонското знаме ќе стои во прекрасната спортска арена во Стокхолм, каде вечерва во финале на СП 2023 силите ќе ги одмерат Франција и Данска (21 часот).
Нашите судии перфектно судеа на ракометниот Мундијал во Шведска и Полска, и апсолутно заслужија шанса да се најдат на центарот во „Теле 2 арената“, на спектаклот што ќе го следат околу 20.000 ракометни тифози.
Ова ќе биде трето финале во низа за Начевски и Николов, кои се грижеа за регуларноста и во битката за златото на ЕП 2020 и на ЛОИ 2021. Ова ги прави меѓу ретките, ако не и единствени што суделе на сите три големи ракометни турнири во низа, како доказ дека во моментов се сигурно најдобра ракометна судиска двојка во светот. Тие зад себе имаат финале и во Купот на ЕХФ и во Купот на куп-победниците, па сега им останува да ја делат правдата уште на финалете во Лигата на шампионите за да го комплетираат својот неверојатен опус.
Задоволството да биде комплетно, Македонец ќе има и во мечот за бронзата и тоа Драган Начевски, кој ќе биде делегат на мечот помеѓу Шпанија и Шведска.