Барселона тешко, но заслужено дојде до три бода на гостувањето кај Џирона (0-1), откако Педри во второто полувреме го проби бедемот на домаќинот, но по средбата тренерот Чави не беше премногу задоволен.
Причина за тоа секако не беше минималниот триумф, туку повредата на напаѓачот Усман Дембеле, кој најмалку три недели ќе биде надвор од екипата на Барса.
„Повредата на Дембеле за жал не изгледа добро, а тој е еден од најважните фудбалери во нашиот тим. Почувствува нешто во квадрицепсот и прогнозите не се добри. Да се надеваме дека ќе паузира најмалку што може, бидејќи губиме играч кој прави најголема разлика во офанзивата. Без разлика на триумфот, мора да се подобриме. Презадоволен сум од трите бода, но мора да бидеме самокритични и да бараме повеќе. Мораме да создаваме повеќе, особено во нападот. Мораме да имаме повеќе мир на противничката половина, навистина се мачевме за да победиме против Џирона“, изјави Чави.
Барса во моментов е лидер на табелата со 47 бодови, шест повеќе од Реал Мадрид, кој вечерва има тежок натпревар на домашен терен против Реал Сосиедад.