Фредериција беше подобар ривал во првите 30 минути, иако битолчани неколку пати успеаја да израмнат, меѓутоа следеше пад во играта на Пелистер во финишот, па домаќинот замина на пауза со 12-9.
Пелистер имаше одличен старт на второто полувреме и направи целосен пресврт (14-13), по што водството на македонскиот тим растеше и до четири гола разлика (21-17). Фредериција, сепак, не се откажа и го внесе мечот во интересна завршница, но гостинскиот состав успеа да слави со 25-23.
Филип Кузмановски беше најдобар стрелец кај Пелистер со пет голови, додека Жарко Пешевски постигна четири голови, додека македонскиот голман Никола Митревски оствари 15 одбрани.
Македонскиот тим по седум одиграни кола има три освоени бодови и се наоѓа на шестата позиција во групата А, односно пред Висла Плоцк и Фредериција кои имаат по два поени.
Екипата од Битола со вечерашниот триумф ја прекина серијата која траеше цели 19 години, откако претходно славеа против Кадетен Шафхаузен на 8 октомври 2005 година со 32-31.