За првпат во својата Формула 1 кариера, Макс Верстапен победи на трката за Големата награда на Канада. Вечерва на патеката „Жил Вилнев“, светскиот шампион мораше да се помачи за да остане на првото место до последниот 70-ти круг, затоа што во најголемиот дел од трката беше следен од упорниот возач на Ферари, Карлос Саинц. Особено беше интересно во завршницата, кога Саинц успеа да му се приближи на половина секунда растојание, но не доби шанса да го нападне за победа.
Мерцедесот на Хамилтон финишираше трет и му обезбеди подиум на некогашниот светски шампион, кој за третата позиција имаше константна битка со својот тимски колега Џорџ Расел, кој на крајот се задоволи со четвртото место.
Победата на Верстапен е дотолку позначајна, затоа што Ред Бул останаа со само еден болид на патеката, откако во осмиот круг поради технички проблем мораше да се откаже Серхио Перез. Скоро на истото место на патеката во 20. круг трката ја заврши и возачот на Хаас, Мик Шумахер.