Тимот на Шериф после историскиот настап во ЛШ брутално се распадна, што од една страна е и очекувано, зашто клубот од регионот Транснистриа, регион во Молдавија кој е руска енклава и во овој период кога Русија веќе четири месеци врши агресија врз Украина е крајно нестабилен, а пред еден месец имаше стравувања дека руски трупи од овој регион може да ја нападнат Одеса.
Само двајца фудбалери од првиот тим кој истрча на мадридскиот храм и победи со 2-1 против „кралевите“, засега остануваат дел од Шериф. Во молдавскиот првак кој и сезонава ја освои „двојната круна“ играше и македонскиот репрезентативец Бобан Николов, чиј договор му истекува на 1 јули и потоа е слободен, а веќе извесно е дека бескомпромисниот борец ќе бара нова средина за продолжување на кариерата.
Шериф уште во февруари, само што почна руската агресија остана без тренерот Јуриј Вернидуб, кој се врати во татковината за да ја брани од агресорот, а како заврши сезоната дел од фудбалерите што беа на заем си се вратија во матичните клубови, а дел направија трансфери, меѓу кои и неколку тотално неочекувани, зашто играчи завршија во третата лига на Турција односно во Тајланд.
Капитенот Франк Кастењеда заврши во Буринам, голманот Јоргос Атанасиаидис се врати во АЕК Атина, Јахшибоев се врати во Легија, а стрелецот на победничкиот гол на „Бернабеу“, луксембуржанецот Себастијан Тил се врати во матичниот Нидеркорн. Адама Траоре замина во Ференцварош, Коловос во Коџаели, Арболеда во Ал Аин во ОАЕ, Крис Силва во Флуминенсе, а Фернандо во Крилја Совјетов.
Останаа од единаесетмината засега Едминд Адо и Густаво Дуланто. Николов е слободен по 1 јули, а од резервите Бруно замина во Омонија, Кожукару се пресели во ривалскиот Петрокуб, а останатите од резервните голмани Селеадинк и Пашенко, стоперот Раделјиќ, играчот за врска Кожокари и крилото Јасане сѐ уште се дел од „шерифите“.
Во тимов има низа новаци, но тимот што беше сензација во ЛШ, за новата сезона ќе има тотално поинаков лик. На стартот во квалификациите ги чека босански Зрињски за противник, а дали ќе успеат да ја повторат историската сезона е големо прашање.