Францускиот првак ПСЖ е најголем добитник од последното коло во групната фаза од ЛШ.
„Светците“ од Париз одиграа нерешено на гостувањето кај Борусија Дортмунд (1-1), но одат во осминафинале поради победата на Милан во Њукасл со 2-1. Да беше обратна ситуацијата и да славеше премиерлигашот, сега ПСЖ ќе беше елиминиран и ќе се подготвуваше за учеството во Лига Европа.
Таму оди Милан кој барем ја спаси евро-сезоната откако по првите три кола имаше само два бода, без ниеден постигнат гол. „Росонерите“ славеа со пресврт на Сент Џејмс Парк, но пред се му направија услуга на ПСЖ кој ќе ја продолжи борбата за титулата во ЛШ. ПСЖ оди понатаму само поради подобриот биланс во меѓусебните дуели со Милан (победа со 3-0 и пораз со 1-2).
Последен учесник во нокаут фазата е Порто кој во директниот дуел со Шахтјор на домашен терен не дозволи изненадување и славеше со 5-3.