Францускиот првак Пари Сен Жермен без проблеми стигна до 13-та победа во Лига 1, откако попладнево го суреди Оксер со 5-0 во меч на кој тивки беа Лео Меси и Нејмар, а од пеколното трио само Килиан Мбапе даде гол, но затоа блескаа Нуњо Мендеш со две асистенции и Карлос Солер и Хуго Екитике со гол и аситенција.
ПСЖ заминува на зимска пауза од два месеци со 41 бод и само две ремија во 15-те досегашни мечеви во сезоната, пет бода пред најблискиот ривал Ланс, а дури десет пред третиот Рен, како главни ривали барем засега во оваа сезона во француската елита.
Мбапе после само 11 минути ја најави победата на асистенција на Мендеш, кој шест минути во вториот дел му овозможи на Солер да даде гол за да ја дуплира предноста, а потоа Шпанецот асистираше за Ашраф Хакими да го даде третиот гол само шест минути потоа. Ренато Санчез со голот во 81-та минута додаде четврти на асистенција на Хуго Екитике, откако португалскиот питбул 20 минути претходно влезе во игра на местото на Солер, а младиот напаѓач Екитике во 85-та погоди и петти пат за „светците“.
За Оксер ова беше осми пораз сезонава и остана на 13 бода на 15-то место со тенденција да влезе и во опасната зона.