Манчестер Сити со шест победи од шест натпревари ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите откако со 3-2 славеше на гости кај Црвена звезда.
Сити веќе го имаше освоено првото место, па Пеп Гвардиола се одлучи да настапи со комбиниран состав, шанса им даде на некои фудбалери кои се сосема нови за фудбалската јавност.
Резултатот го отвори Мика Хамилтон со погодок во 19. минута. Тој беше еден од играчите кои добија шанса и ја искористија.
Таков беше и вториот стрелец за Сити, Оскар Боб во 62. минута постигна гол за предност од 2-0.
Црвена звезда се врати во игра, Хванг намали на 2-1, но брзо потоа Манчестер Сити доби пенал кој го реализираше Филипс за 3-1.
Иако имаше уште малку време до крајот, Црвена звезда не се откажа. Во првата минута од судиското продолжение по еден корнер, Катаи постигна гол со глава и намали на 3-2. Српскиот тим сепак до крајот не успеа да направи чудо и да дојде до бод, тоа беше конечниот резултат.
Во другиотдуел од оваа група Лајпциг со 2-1 го победи Јанг Бојс.
Манчестер Сити како прв ја заврши групата со максимални 18 бодови, покрај нив во осминафиналето оди Лајпциг кој освои 12 бодови, Јанг Бојс како третполасиран освои четири бода и оди во Лига Европа, а Црвена звезда со само еден освоен бод доживеа елиминација од Европа.