Машката репрезентација на Македонија славеше против Турција со 22-31 на натпреварот од четвртото коло во групната фаза на Медитеранските игри. Предводник на нашата селекција беше десното крило Александар Петковски кој даде дури 11 погодоци.

Во првиот дел нашата селекција ја имаше контролата, но на пауза замина само со гол предност, но во второто полувреме комплетно го скрши отпорот на ривалот. Македонија ја заврши својата работа и сега е втора на табелата, но ќе мора да чека и пораз на Алжир од Шпанија, за да биде потврдено местото во полуфиналето.

Момците на Лазаров тргнаа добро, поведоа со 2-6 по десетина минути игра, но Турците ги консолидираа своите редови и со серија од четири погодоци израмнија на 6-6. Постот на Македонија од седум минути без гол го прекина Игор Ѓоргиев со погодокот за 6-7, а со головите повторно на Ѓоргиев и Петковски, нашата селекција стигна до плус три, 7-10.

Десното крило Петковски пак реализираше за највисоката предност на Македонија, 8-12. Јагмороглу и Дурмас, а уште една наша грешка беше казнета од Турците за 11-12. Имаше уште по еден гол на двете страни, па пауза се замина со 12-13.

Во вториот дел комплетно беше скршен отпорот на Турција. Серафимов погоди за 13-17, а во 45. минута по црвениот картон на Халил Озтурк, Македонија стигна до највисоките плус шест, 15-21. Нашата одбрана беше одлична во овој период од мечот, па Петковски и Ѓоргиев донесе водство од осум гола, 15-23. До крајот немаше дилеми околу победникот.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Петковски со 11 гола, како и Петар Атанасијевиќ и Ѓоргиев со по четири погодоци, додека по два зад името запишаа Џонов, Серафимов и Петров.