Вчерашниот ден засекогаш ќе остане врежан во меморијата на кошаркарот на Кливленд кавалирс, Џеди Осман и неговата избраница, славната турска актерка Ебру Шахин, со оглед што се венчаа среде Охридското езеро и тоа во родниот град на НБА-ѕвездата и репрезентативец на Турција.

Но, овие моменти ќе ги паметат и стотици туристи и локални жители, кои беа во можност да се радуваат со среќната двојка, додека таа минуваше низ охридскиот плоштад и на пристаништето, пред да се качат на брод заедно со најблиските роднини и пријатели. Осман и Шахин за една недела ќе направат и голема свадбена забава и тоа во турското одморалиште Чешме, каде што и првпат се запознале.

 

Џеди е роден во Охрид од татко Турчин и мајка Босанка од Нови Пазар, а во Македонија живеел во првите години од своето детство, пред да се пресели во Сараево, а потоа и во Турција. Тој има постар брат Џанер, кој пред десетина години настапуваше за младинската репрезентација на Македонија, како и за неколку прволигашки екипи од нашата земја.