Далас Маверикс го победи Лос Анџелес Клиперс на гости со 110:104 и ја оствари втората последователна победа. Новајлијата во дресот на Далас, Кајри Ирвинг беше најефикасен, откако во своето деби постигна 24 поени. Тој на почетокот на оваа недела се пресели од Бруклин во Далас, а за 37 минути на паркетот имаше и пет асистенции и четири скока.

Тим Хардавеј во победата учествуваше со 19 поени, шест асистенции и пет скока, а Реџи Булок со 18 поени и шест асистенции.

Кошаркарите на Бостон ја победија Филаделфија со 106:99 за четврта победа во последните пет натпревари. Селтикс го предводеа Дерик Вајт со 19 поени и Малколм Брогдон со 19 поени. Тимот од Бостон поради повреди остана без тројца стартери, Маркус Смарт, Роберт Вилијамс и Ал Хорфорд.

Кошаркарите на Портланд го победија шампионот Голден Стејт со 125:122, предводени од Демијан Лилард, кој имаше трипл-дабл учинок од 33 поени, 11 асистенции и 10 скока.