Познати се сите полуфиналисти на Вимблдон. Рафаел Надал и Ник Киргиос ја сочинуваат втората полуфинална двојка во машка конкуренција, а во женска тоа се Симона Халеп и Елена Рибакина.
Големиот Шпанец Рафаел Надал остана во игра за освојување на календарскиот Грен слем благодарение на победата од 3:6, 7:5, 3:6, 7:5, 7:6 (4) против Американецот Тејлор Фриц во четвртфиналето на Вимблдон по четири часа и 20 минути игри.
Надал, кој победи на Австралија Опен и Ролан Гарос претходно оваа година, се бореше против Фриц и сопствените повреди , но успеа да најде начин до победата и покрај тоа што заостануваше со 0-1 и 1-2 во сетови. Покрај повредата на стапалото, која го мачи од почетокот на турнирот, Надал побара и лекарска помош поради повреда на стомачните мускули, но не се предаде и на крајот оствари голем пресврт.
Во полуфиналето во петок Надал ќе игра против Австралиецот Ник Киргиос, кој претходно во четвртфиналето го совлада Чилеанецот Кристијан Гарин со 6:4, 6:3, 7:6 (5). За 27-годишниот контроверзен Австралиец ова е најголемиот успех во кариерата досега, тој првпат стигна до полуфинале на Грен слем турнир, откако беше запрен во четвртфиналето на Вимблдон во 2014 година и на Австралија опен во 2015 година.
Романската тенисерка Симона Халеп и Казахстанката Елена Рибакина обезбедија полуфинален меч на Вимблдон, на третиот Грен слем турнир годинава.
Халеп, 17-та носителка во Ол Ингланд клубот, победи со 6:2, 6:4 над младата, 20-годишна Американка Аманда Анисимова. Романката беше блиску до многу убедлива победа бидејќи водеше со 6:2, 5:1. Потоа, од друга страна, започна будењето на Американката, која дојде на дофат до голем пресврт. Таа се доближи на 4:5 во вториот сет и имаше три врзани брејк можности (0:40) за 5:5.
Но, Халеп возврати со пет поени во низа, што не дозволи дополнителна драма во четвртфиналниот меч кој траеше само 63 минути. Со тоа Халеп се доближи до постигнувањето од 2019 година кога славеше во Вимблдон, а покрај тоа го има и победничкиот пехар од Ролан Гарос во 2018 година.
Рибакина со моќен сервис, но и многу прецизна игра од основната линија во вториот и третиот сет ја остави без шанса Ајла Томљановиќ, хрватската тенисерка со австралиски пасош. Таа победи со 4:6, 6:2, 6:3.
По 6:4 за Томљановиќ во првиот сет, имаше жесток одговор од Рибакина, тенисерката која претходно ја совлада Хрватската тенисерка Петра Мартиќ. Рибакина го доби вториот сет со 6:2, а во третиот поведе со 5:1 и така го реши дуелот. Дури 15 асови сервиси упати Рибакина за нешто помалку од два часа игра.
Да потсетиме, ден претходно, во вторник, полуфиналниот меч го обезбедија Тунижанката Онс Џабеур и германската тенисерка Татјана Мариа.
Вимблдон, четвртфинале (М):
Ник Киргиос (Аус) – Кристијан Гарин (Чиле) 6-4, 6-3, 7-6 (5)
Рафаел Надал (Спа/2) – Тејлор Фриц (САД/11) 3-6, 7-5, 3-6, 7-5, 7-6 (4)
Вимблдон, четвртфинале (Ш):
Симона Халеп (Рум/16) – Аманда Анисимова (САД/20) 6-2, 6-4
Елена Рибакина (Каз/17) – Ајла Томљановиќ (Аус) 4-6, 6-2, 6-3