Уште во април, Вимблдон објави дека нема да дозволи настап на руски и белоруски тенисери поради руската инвазија на Украина со помош на Белорусија. Британската Влада се обиде да ја смени одлуката на организаторите, но залудно.
„Сметаме дека секој тенисер мора да има право да учествува на турнирот без таква дискриминација. Одлуката на турнирот да им забрани на руските и белоруските тенисери да играат го нарушува интегритетот на системот за бодување на АТП. Жал ни е, но единствениот чекор што можевме да го направиме е да ги укинеме бодовите на овогодинешниот Вимблдон“, се вели во соопштението на АТП.
Најпогоден од ваквата одлука на АТП беше Новак Ѓоковиќ, најдобриот светски тенисер и бранител на титулата на Вимблдон. Ѓоковиќ на тој начин ќе остане без можност за одбрана на 2.000 поени. Неговите први придружници Русинот Даниил Медведев и Германецот Александар Зверев минатата година во Лондон освоија по 180 поени, па сигурно е дека Ѓоковиќ го губи првото место.
Доколку веднаш се одземеа бодовите од Вимблдон, Медведев, кој годинава нема право на настап во Лондон, би имал 7800 бодови, Зверев 6895, а Ѓоковиќ би бил трет со 6660 бодови. Петтопласираниот Рафаел Надал не играше на Вимблдон и минатата година, така што нема да загуби ништо.