Првиот тенисер во светот Данил Медведев го заврши учеството на Мастерсот во Индијан Велс.
Медведев одигра лошо и деконцентрирано, Французинот Гаел Монфис беше подобар од него во мечот од третото коло со 4:6, 6:3, 6:1.
Поразот на Медведев во оваа фаза од турнирот практично значи дека по завршувањето на натпреварувањето Новак Ѓоковиќ барем за кратко ќе се врати на врвот на АТП листата.
Мечот на двајцата тенисери траеше 125 минути, а ова беше втора победа за Монфис во третата пресметка со тенисерот од Москва.
Претходната беше во 2019 година во Ротердам. Натпреварот започна прилично изедначено, до средината на сетот и двајцата играчи беа сигурни.
Немаше можност за брејк, се до тој деветти гем кога Монфис нагло попушти.
Медведев успеа да дојде до брејк за 5:4 и со серија од 11:0 во поени во финишот од сетот поведе во натпреварот.
Французинот брзо се врати во мечот, можеше да се предвиди пресврт кога во четвртиот гем успеа да направи брејк за 3:1.
Се мачеше во следниот на свој сервис, спаси четири брејк топки, но не и петтата, Медведев веднаш го врати загубеното, а потоа стигна до 3:3.
Монфис не се предаде, напротив, во осмиот гем повторно успеа да направи брејк, поведе со 5:3 и овојпат немаше грешка, успеа да го потврди брејкот и израмни во сетови, 6: 3.
Францускиот тенисер брилијантно продолжи, веднаш направи брејк на стартот од сетот на одлука и го принуди Медведев во налет на бес да го скрши рекетот, за што доби опомена.
И тоа не беше крајот, Русинот делуваше се побледо, грешеше многу, а Монфис успеа да дојде до два брејка и до огромни 4-0.
Не можеше да ја пропушти таа шанса, рутински дојде до триумф во последните три гејма, правејќи брејк на крајот од мечот.
Во следното коло ќе се соочи со Шпанецот Карлос Алкарас, кој го декласираше Роберт Баутиста Агута со 6:2, 6:0.