Неизвесноста околу Килијан Мбапе за тоа каде ќе ја продолжи кариерата го достигна зенитот, па иако претходно во Реал Мадрид беа сигурни дека ќе пристигне на „Сантијаго Бернабеу“, сега постои се поголема можност тој да остане и во Париз. Најава за тоа можеби е и доаѓањето на катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани, кој лично ќе дојде во Париз за да го убеди Мбапе да остане во ПСЖ, но и Зинедин Зидан да седне на клупата на тимот за следната сезона.

Сепак, Флорентино Перез, како што откриваат шпанските медиуми, е подготвен и за ваква опција и веќе има подготвено „план Б“. Доколку Мбапе не дојде во Реал Мадрид, тогаш претседателот на „кралскиот клуб“ ќе тргне по напаѓачкиот тандем на Ливерпул, Мохамед Салах и Садио Мане. Парите кои се планирани за доаѓањето на Мбапе, околу 350 милиони евра, иако тој всушност ќе пристапи како слободен агент, ќе бидат потрошени за двајцата напаѓачи на Ливерпул.

Засега не се открива премногу овој план, затоа што Реал Мадрид на 28 мај во Париз токму против Ливерпул ќе игра во финалето на Лигата на шампионите.