Талентираниот македонски тенисер Калин Ивановски продолжува со одличните игри на Вимблдон во јуниорска конкуренција каде денеска обезбеди пласман во четвртфиналето. Ивановски во осминафиналето во три сета со 6:4,5:7,6:0 го победи осмиот носител Едас Бутвилас.
Калин повторно демонстрира одлична игра и беше подобар од својот противник, а тоа го потврди со убедливиот триумф во третиот сет кој го доби со максимални 6:0. Ивановски имаше 38 винери наспроти 25 на Бутвилас, оствари 26 поени со излегување на мрежа, а искористи пет од 13 брејк топки.
Згора на тоа имаше подобар процент на освоени поени од противникот 73 наспроти 69 отсто на прв сервис, а 56 наспроти 37 на Бутвилас и на крајот освои 102 поени, дури 13 повеќе од Литванецот.
Во првиот сет на Ивановски му беше доволен еден брејк да триумфира со 6:4 и да поведе со 1:0 во сетови. Со одлична игра Ивановски продолжи и во вториот сет, поведе со 4:2, но му дозволи на противникот прво да израмни, а потоа во 11 гем при резултат 5:6 да направи уште еден брејк за 5:7 и израмнување на 1:1 во сетови.
Загубата на сетот не остави последици во играта на Македонецот туку со максимални 6:0 го завери пласманот во четвртфиналето каде ќе го чека дуел со подобриот од мечот помеѓу Словенецот Артнак и Роденас од Шпанија.