Според информациите на медиумите, сѐ е завршено за двата џиновски трансфери. Лидс и Барса конечно се договорија за 65 милиони евра вредниот трансфер на Рафиња и тоа откако англискиот премиерлигаш првично ја прифати понудата од Челси, но Бразилецот го запре трансферот поради желбата да дојде во Каталонија.
Барса на Лидс ќе му даде 58 милиони евра плус седум милиони во бонуси, а Бразилецот чиј менаџер е легендарниот Деко од претходно има усмен договор за петгодишна соработка. Сега останува само да ги мине лекарските прегледи и официјално да биде промоциран.
Од друга страна, Дембеле од 1 јули стана слободен играч и долго време се пишманеше, еден ден потпишува, следниот ден си заминува, па на крај откако ниту еден клуб не успеа да му ги исполни големите барања, пресече да остане. Денеска се појави во соблекувалната на својот клуб и јасно е дека останува. Пред да се приклучи на тренинзите ќе мора прво да ги мине лекарските прегледи.
Дембеле во Барса дојде во летото 2017 година од Борусија Дортмунд и е еден од трите најскапи фудбалери во историјата на каталонската гордост.