Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски е во неверојатна гол-форма на стартот на предсезоната за Удинезе, откако само 24 часа после двата гола со Унион Берлин, денеска даде хет-трик за победата од 3-0 против словенечка Илирија во нова контролка на калчолигашот.
Несторовски има шест гола во три меча за Удинезе досега во подготовките, а денеска головите ги даде во второто полувреме, откако влезе во игра на стартот од вториот дел, па стрелаше во 48-та, 75-та и 87-та минута од мечот, за да најави дека ќе биде важна алка во тимот на Андреа Сотил за новата сезона во Калчото.
Несторовски беше на излезна врата поради малата минутажа и договорот што му заврши летово, но остана во Удинезе и потпиша нова едногодишна соработка со опција за продолжување на соработката, а сега фати страшен ритам со кој најавува многу подобри игри и многу повеќе голови на официјалните мечеви во однос на изминатите три години.