Поранешниот репрезентативен голман на Македонија, Петар Ангелов во следната сезона ќе ја предводи екипата на Струга. Раководството на клубот преку клупската страна ја потврди соработката со довчерашниот тренер на Вардар Неготино.
Тој на стартот на пролетниот дел од минатата сезона го водеше тогашниот прволигаш Вардар Неготино, но се раздели со клубот под „чудни околности“ без вистинско објаснување за заминувањето. Вардар Неготино ја оствари целта за влез во Супер лигата и без Ангелов.
Сега популарниот „Диви“ добива шанса да биде тренер на суперлигашка екипа. Досегашниот предводник на Струга, Наум Танески ќе остане во стручниот штаб. Официјалното деби на Ангелов на кормилото на Струга треба да биде јубилејниот 50. турнир во Струга на средината на август.
Ангелов кариерата ја почна во Тиквеш, бранеше во Пелистер, Вардар и Металург, во странство беше дел од францускиот Трембле, турската Анталија, австрискиот Кремс, како и германскиот Ратинген, од каде се врати во Македонија. Настапуваше и за Пролет и Вардар Неготино, каде имаше двојна улога играч-тренер.
Стружани минатата сезона беа дел од плеј-аутот, но опстанокот не беше доведен во прашање, особено што само една екипа го напушти суперлигашкото друштво, кое се прошири од 12 на 16 екипи.
Досега клубот од Струга го напуштија голманот Василије Печурица (Еурофарм Пелистер 2), Жарко Барјактаревиќ (Скопје), Владан Кастратовиќ (Охрид) и Славе Јанковски, а потврдени се две засилувања, бекот Петар Бугариновиќ и пивотот Божидар Ѓуровиќ. Наскоро треба да биде промовиран и десен бек интернациоаналец.