Машката младинска репрезентација на Македонија ја забележа првата победа на ЕХФ шампионатот во Варна, откако славеше над Косово со убедливи 22 гола разлика, 51-29. Победникот беше решен уште по првиот дел кога Македонија направи огромна залиха од 11 погодоци.
Отворивме со 5-0, Брестовац на голот бранеше одлично, беше и 8-2, па јасно беше каков ќе биде текот на овој натпревар. Стручниот штаб на нашата селекција им даде шанса на повеќето ракометари уште во финишот на првиот дел, но тоа не беше пречка да се зголемува предноста. Погодуваа Тотиќ, Михајловиќ, Белистојаноски, браќата Узунчеви…
Косово намали на 16-11 во 24. минута, но потоа до крајот не можеше да ја пробие македонската одбрана. Нашите ракометари погодија уште пет пати за само шест минути и ја дуплираа разликата, 22-11. За кратко во второто полувреме Македонија зголеми на 26-12 и до крајот на мечот имаше само рутинско одработување на задачата. Сите грешки на Косово беа казнувани најчесто од Белистојаноски и Марио Стојановски, па во еден момент имавме и плус 22, 40-18.
КСите ракометари освен голманите, се запишаа во листата на стрелците. Најдобар стрелец во македонскиот состав беше Белистојаноски со десет гола, осум даде Димитар Узунчев, а пет пати во листата на стрелци се запиша Марио Стојановски.
По четири пати стрелаа Михајловиќ, Петковски и Илиески. Голманот Брестовац имаше 16 одбрани и неверојатни 54% успешност на одбранети удари, додека Галевски запре четири удари на Косово. Сега следуваат два дена одмор за нашите момци, па во среда од 14:00 часот ќе се соочиме со Романија.