Пресметката за титулата ја доби Вардар. Црвено-црните ја поправија грешката од Скопје и го возвратија ударот и го победија директниот конкурент Пелистер со 23-26 (11-11). До крајот на сезоната остануваат уште три кола, јасно е дека избраниците на Дејвис нема да си дозволат кикс на следните средби и ќе го подигнат 15. пехар. Битола останува да сонува за пехарот, на кој се нема израдувано цели 17 години.
Дека ова ќе биде неизвесен дуел до самиот крај, покажа првото полувреме, кое заврши 11-11.
Фактор на одлука беше промената на голот кај Вардар и влегувањето во игра на Борко Ристовски. Искусниот македонски голман ги полуде играчите на Пелистер.
До 53 минута беше нерешено 21-21.
И тогаш Стоилов како вистински капитен, го повлече тимот, Борко запиша нова одбрана, а заедно со Моралес зголемија на плус три (22-25) во 58 минута. За крај на сите надежи. Домаќинот намали на 23-25, но немаше сили да дојде до реми. Ристовски ја спушти ролетната на својот гол за голема радост на двократниот европски првак.