Србинот најверојатно ќе мора повторно да ги пропушти турнирите во Северна Америка, како на стартот на годината кога не можеше да игра на Индијан Велс и Мајами, а претходно беше депортиран од Австралија.
Правилата за влез во Канада и САД велат дека сите лица мораат да бидат вакцинирани против Ковид-19. Тоа значи дека Ѓоковиќ ќе го пропушти мастерсот во Монтреал, кој почнува на 5.август, а потоа и грен слемот Ју-Ес Опен во Њујорк, кој почнува три недели подоцна.
„Ситуацијата е многу јасна или Канада ќе ги смени своите правила во однос на вакцинирањето или тој (Ѓоковиќ) ќе ги засука ракавите и ќе се вакцинира“, изјави директорот на мастерсот во Монтреал, Јуџин Лапјер.
„Не верувам дека било кое од овие сценарија ќе се промени. Правилата важат за сите. Постојат одредени исклучоци, но правилата важат за сите. Пандемијата не е завршена“, додаде првиот човек на турнирот.