Шкупи водеше, па се најде на чекор пред пораз, пред Реналдо Цепас да израмни за одлични 2-2 во Загреб, по што сега Седлоски најавува полн стадион на спектаклот за седум дена.
„Се испотив како да сум играл. Честитки за играчите и на едните и на другите, навистина врвен меч, вистински европски двобој. Како го одигравме првото полувреме, тоа е тоа што го барам од фудбалерите. Јас му честитам на Чачиќ на фер и коректната игра, сѐ е отворено, има уште 90 минути во Скопје, а Динамо останува фаворит. Денешниот меч нема да има врска за реваншот, најважно беше што се претставивме во добро издание и сега во Скопје нѐ чека полн стадион“, вели Седлоски.
Тој посочи дека фудбалерите сега не треба да летнат во облаци и мора да останат цврсто на земја после овој резултат, зашто сѐ друго би било кобно на реваншот.
„Првпат играме вакви мечеви, а Динамо ги игра секои три дена. Малку се плашев од тоа, но одигравме како што сакав, посебно во првото полувреме. Кога ќе ги видам овие 2-2 – презадоволен сум. Динамо е врвен тим, сигурно е дека сега нѐ чека полн стадион, но не смее да полетаме. Им реков на фудбалерите дека ова е успех, но да не се залетаме зашто ќе биде кобно. Многумина сега се прашуваат како е можно да изгубиме на Гибралтар, а да останеме непоразени на „Максимир“?. Затоа е фудбалот интересен“, додаде Седлоски.