Македонската женска кадетска репрезентација оствари убедлив триумф на почетокот на кадетското Светско првенство (СП), кое се одржува во Скопје, откако македонските ракометарки славеа со 32-13 против Сенегал.
Мечот почна со еден час задоцнување бидејќи Сенегалките пристигнаа на скопскиот аеродром во 19.30 часот, по што тргнаа веднаш кон СЦ „Борис Трајковски“, но на теренот не можеа да го издржат налетот на македонските ракометарки.
Македонија имаше убедливи 17-7 по првото полувреме, по што водството на ракометарките продолжи да расте до убедливи 32-13. По пет гола постигнаа Дускоска, Ризоска, Бојана и Борјана Коцева.
Во групата Б по една победа имаат Иран и Македонија, додека по еден пораз имаат Сенегал и Узбекистан.
Македонските ракометарки следниот меч го играат против Узбекистан в недела од 20.30 часот.