Екипата на Далас Маверикс е прв финалист во Западната конференција на НБА лигата, откако ноќеска по четврти пат ја совлада Оклахома.

Тандерс беше најдобар тим на Западот по основниот дел од сезоната, но не успеа да стигне до завршницата од плејофот бидејќи против себе го имаше одличниот Лука Дончиќ и мотивираниот Далас. Во шестиот меч, Мавс славеа со 117-116 и покрај тоа што Оклахома во третата четвртина имаше и 17 поени предност (75-58).

 

Делуваше дека Далас веќе чекори кон амбисот, меѓу другото и поради повредите на Лука Дончиќ кому неколку пати му беше укажана лекарска помош. Сепак, токму тие -17 ги тргнаа домашните кошаркари, до крајот на третиот период беше само седум разлика, а кон средината на последниот Далас го презеде водството и во финишот водеше со 115-110. И тука се чинеше дека работата е завршена, но Оклахома одговори со шест поени во низа за да го внесе мечот во неизвесна завршница. Херој на Далас, покрај Дончиќ, беше Пи Џеј Вашингтон кој беше фаулиран при шут за тројка на две секунди пред крајот и потоа погоди две од трите слободни фрлања, доволно за да го однесе неговиот тим до победа.

Дончиќ го одигра можеби најдобриот натпревар во оваа серија, повторно оствари трипл дабл, сега со 29 поени, 10 скока и 10 асистенции, но со одличен шут од игра 9/15. Гилџес Александер ја предводеше Оклахома со 36 поени, сепак недоволни за финалето на Западот. Противник на Далас таму ќе биде подобриот од серијата меѓу Денвер и Минесота чија „мајсторка“ се игра вечерва.