Шпанската кошаркарска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Евробаскетот откако во осминафиналето во Берлин ја совлада Литванија со 102:94 (19:20, 21:25, 23:23, 20:15, 19:11).

Литванија водеше речиси во текот на целиот натпревар, во средината на третата четвртина ја имаше најголемата разлика од 11 (58:47), а на четири и пол минути до крајот предноста изнесуваше 75:68.

Но, тогаш Литванците престанаа да погодуваат, а Лоренцо Браун со неколку поени во низа ги врати Шпанците во игра. Во последната минута од четвртата четвртина Шпанија водеше со 80:78, а Браздеикис со тројка на 37 секунди пред крајот и донесе водство на Литванија од 81:80.

Сепак, во следниот шпански напад Гаруба погоди по еден скок во нападот за 82:81, но Литванија имаше 16 секунди за последниот напад. Потоа Сабонис направи прекршок во напад со нерегуларна блокада и поседот отиде кај шпанската страна.

Вили Ернангомез погоди едно од двете слободни фрлања за 83:81. Во последниот напад на Литванија, Јокубаитис со тројка се обиде да му донесе победа на својот тим, не беше прецизен, но неговото промашување го поправи Браздеикис за продолжение.

Во дополнителните пет минути Шпанија започна со серија од 5:0, а потоа го зголеми водството на 95:88. Сепак, Лекавичиус и Браздеикис го намалија резултатот на 95-94 на 1:12 минути пред крајот, а при тој резултат напад имаше Литванија.

На половина минута пред крајот Браздеикис ја загуби топката, а потоа направи неспортски фаул над Браун, кој Шпанија го искористи за да побегне на недостижни 99:94 со слободни фрлања и топка од поле на 19 секунди пред крајот.

Лоренцо Браун со 28 и Вили Ернангомез со 21 поен ја предводеа Шпанија, која стигна до најдобрите осум на Евробаскетот рекорден 21-ви пат во низа, додека Миндаугас Кузминскас со 18 и Игнас Браздеикис со 17 поени беа најефикасни кај Литванија.

Во четвртфиналето во вторник Шпанија ќе игра против победникот од мечот меѓу Хрватска и Финска што се игра денес од 14 часот и 45 минути.

Претходно во саботата Германија се пласираше во четвртфиналето, совладувајќи ја Црна Гора со 85:79, Словенија ја победи Белгија со 88:72, а Франција ја победи Турција со 87:86 по продолжение. Во четвртфиналето Германија ќе игра против победникот од пресметката меѓу Грција и Чешка, Франција против подобриот од мечот меѓу Србија и Италија, а Словенија против победникот од пресметката меѓу Украина и Полска.

РЕЗУЛТАТИ ОД ОСМИНАТА ФИНАЛЕ
Сабота:
Турција – Франција 86:87 – продолженија
Словенија – Белгија 88:72
Германија – Црна Гора 85:79
Шпанија – Литванија 102:94 – продолженија
недела:
12.00 часот Украина – Полска
14.45 Финска – Хрватска
18.00 часот Србија – Италија
20.45 часот Грција – Чешка