Хрватска извадила неколку ѕвезди во европскиот фудбал, а изгледа на повидок е најновата и тоа класичен голгетер. Станува збор за 20-годишниот Марин Љубичиќ, кој  го споредуваат со Ерлинг Халанд.

Љубичиќ е фудбалер на ЛАСК Линц, кој во првите три кола од австриската Бундеслига постигна шест гола, по еден со Клагенфурт и со Австрија Виена и дури четири викендов против Волфсбергер. Сигурно дека „четворката“ на еден натпревар ги натера медиумите да погледнат кон него, но еден друг момент забележаа австриските новинари и веднаш го пласираа.

 

Пред три сезони, едно друго момче импресионираше со шест гола во првите четири кола од австриската Бундеслига, го носеше дресот на Ред бул Салцбург и се вика – Ерлинг Халанд. Сега Љубичиќ го надмина тоа достигнување и успеа да постигне шест гола за само три меча, нешто што им успеало само на Оливер Бироф во 1990 и Тибор Нилаш во 1983. Во оваа пресметка не влегува податокот дека постигна и уште три гола, во првото коло од Купот на Австрија, што го носи до девет гола во четири натпревари.

Љубичиќ е сплиќанец, кој почнал и растел во Хајдук, па оттаму и дојде во ЛАСК, како позајмен играч во сезонава која штотуку почна, но во договорот ЛАСК си обезбедил откупна клаузула од само 2,4 милиони евра. Во Хајдук одигра вкупно 46 меча и постигна осум гола, откако дебитира во 2020 година. Го опишуваат и како голем работник, свесен дека не треба уште сега да „лета“.

„Никогаш досега не сум постигнал четири гола на еден натпревар, но и не сум долго време професионален фудбалер. Се надевам дека оваа сезона ќе стигнам до 20 гола, а клубот ќе заврши во топ-3 и ќе го освоиме Купот. Јас можам да напредувам во повеќе аспекти: во играта со глава, во контрола на топка, во снага…ако ги остварам тие цели, головите сами ќе дојдат“, вели Љубичиќ.