Барди после пет години во шпанската Ла Лига се сели во Турција, земја која во последно време е „ветена“ за македонските фудбалери, а еден од најпознатите новинари од Турција, Танер Караман откри дека тренерот на Трабзон, Абдула Авчи е заљубен во македонските играчи и од „трета мајка“ успеа да донесе еден од нив, откако два обиди претходно му пропаднале.
Трабзон беше заинтересиран за Езџјан Алиоски, безмалку два месеци преговараа за трансферот, но на крај сѐ пропадна и популарниот Џани од минатата недела потпиша за Фенербахче. Караман открива дека Авчи „бркал“ и стопер, а тоа е Дарко Велковски, македонскиот репрезентативец кој сега е без клуб после четири години во Риека.
“Абдула Авчи е заљубен во македонски фудбалер. Минатата година се обиде да донесе централен дефанзивец (Велковски – н.з.) и лев бек (Алиоски – н.з.), годинава се обиде повторно со лев бек и не успеа. Ама конечно доби ‘десетка’ и тоа во Енис Барди. Му посакувам многу среќа на Барди во Трабзон“, рече Караман.
Според Енгин Кеале, исто така новинар од Трабзон, доаѓањето на Барди во црноморскиот град каде своевремено играше и легендарниот Петар Милошевски, е полн погодок.
„Трансферот на Барди е извонреден. Посебно за средината на Трабзон, зашто доби играч кој зема топка, разигрува, го крева темпото, игра фудбал… Знае кога да притисне, кога да успори… Леванте беше тим кој поради Барди беше уживање да се гледа, иако резултатите не беа на нивото на играта поради многуте дупки и слабата одбрана“, рече Кеале.
Според најавите од Турција, Трабзон го планира Барди за двомечот со Копенхаген, веќе се подготвува документацијата за неговата пријава во УЕФА, а првиот меч е на 16 август (во вторник) и експресно македонскиот репрезентативец ќе влезе во комбинација зашто веќе е во тренажен процес и со поминати подготовки во Леванте. Трабзон очекува набрзо што може до викендов да го има Барди на лекарски прегледи и официјална промоција, а потоа фудбалерот да се стави на располагање на Авчи во завршната подготовка за дуелите со данскиот клуб.