Голманот Раду со својата катастрофална грешка против Болоња го остави Интер без титула минатата сезона, а новата кампања во Серија А ја стартуваше на уште полош начин за својот нов клуб.
Кремонезе беше блиску до освојување на голем бод на тешкото гостување во Фиренца, но во 95-та минута од средбата, романскиот чувар на мрежата направи страшен кикс и ги израдува домашните играчи и навивачи.Фиорентина двапати водеше, Кремонезе двапати се враќаше, но на крајот пресуди центаршутот на Мандрагора и ужасната реакција на голманот на Кремонезе.
Раду ја имаше топката во своите раце и ја фати „жива“, но потоа се заби во дирекот и си ја внесе истата во сопствената мрежа, потег кој беше решавачки за победа на „виолетовите“.
Претходно, Фиорентина водеше со погодокот на Бонавентура и деби голот на Лука Јовиќ, додека гостите се враќаа со головите на Окереке и Бунаиуто. Разочарувањето за Кремонезе е уште поголемо ако се знае дека играа со играч помалку уште од 44 минута.