Динамо преку Шкупи и Лудогорец дојде на чекор до пласман во мултимилионската елита, па капитенот на македонската репрезентација Ристовски најави дека „модрите“ се дојдени во Норвешка да го направат првиот чекор кон групите и порача дека тоа што мечот ќе се игра на вештачка трева, не треба да се бара алиби за поинаквата подлога.
„Сите знаеме што овој меч и реваншот носат. Динамо заслужува да игра во Лигата на шампионите. Динамо е клуб кој има високи цели и со нашиот квалитет убеден сум дека ќе успееме да стигнеме во ЛШ. Малку клубови денеска играат на вештачка трева, но мора што побрзо да се прилагодиш. Ние дојдовме да ја оствариме нашата цел и така треба да се однесуваме. Се надевам брзо ќе се прилагодиме и теренот не смее да ни биде никаков алиби“, рече Ристовски.
Од македонските репрезентативци, Елиф Елмас со Наполи има сигурно учество во елитата, а Енис Барди со Трабзон утревечер ќе го има првиот од двата меча со дански Копенхаген за пласман во мултимилионското друштво.