Поранешниот фудбалер на Штутгарт, Саша Калајџиќ денеска потпиша петгодишен договор со Вулверхемптон.
Според веб-страницата на Премиер лигата, 25-годишниот австриски фудбалер ги поминал лекарските прегледи во клупскиот тренинг центар и потпишал петгодишен договор, со можност за продолжување на соработката за уште 12 месеци.
За Штутгарт играше две сезони и за тоа време одигра 60 натпревари и постигна 24 гола. Во двете сезони тој беше најдобар стрелец на тимот.
Неговиот договор со германскиот клуб би истекол за една година.
“Среќен сум што се е готово денес. Беше долг и тежок ден, но на крајот се се заврши добро. Многу сум благодарен и среќен што сум тука. Клубот ме сакаше, во мојата кариера и на мои години , важно е да почувствувате кој е следниот чекор и знаев дека Вулверхемптон е најдобриот следен чекор. Разговарав со тренерите и запознав некои од играчите. Сите беа пријателски расположени и добри. Знам дека нема да зажалам за оваа одлука бидејќи сите се пријателски расположени, направија да се чувствувам добредојден и едвај чекам да играм“, изјави Калајџиќ за клупската веб-страница.
Тој рече дека во Германија имал проблеми со повредите кои го спречиле да постигне повеќе голови, но дека мисли дека се развил како играч и како личност во Бундеслигата и им се заблагодари на својот поранешен клуб и на навивачите за довербата и можноста.
„Се обидов да дадам се од себе за клубот и се надевам дека ќе можам да го покажам тоа овде. Можам да ја оправдам довербата со постигнување голови и со мојот квалитет. Гладен сум за голови, сакам да играм добар фудбал и да постигнувам многу голови , сакам да играм атрактивно . Јас сум тимски играч и сакам да му помогнам на тимот, што е најважно. Кога тимот изгледа добро и јас ќе изгледам добро, тоа е мојата цел на претстојните натпревари“, рече Калајџиќ. .
„Сите ми велат дека Премиер лигата е најтешката лига, дека тоа е НБА во фудбалот. Возбуден сум затоа што сакам да се докажам против најдобрите, бидејќи најдобрите играчи играат во оваа лига. Сакам да се развивам како играч и човек и да постигнам гол што е можно поскоро, се докажувам и навистина сум среќен за можноста“, додаде австрискиот напаѓач.
За него беа заинтересирани неколку клубови, меѓу кои и Манчестер Јунајтед. Вулверхемптон не соопшти финансиски детали, а Скај објави дека трансферот е вреден 15,5 милиони фунти, со можни бонуси.
Калајџиќ за австриската репрезентација одигра 15 натпревари и постигна четири гола.