Пo преземањето на сопственоста на Њукасл, инвестициската група, предводена од Саудискиот фонд за јавни инвестиции (ПИФ), сака да го купи и милански Интер.
На чело на ПИФ е Мохамед бин Салман, саудиски принц и првиот човек после кралот во Саудиска Арабија. Тој ја води владата на неговиот татко, кралот Салман бин Абдулазиз и де факто е најмоќниот човек во државата.
Кинеските сопственици на Интер имаат големи финансиски проблеми, поради што летово мораа да ги продадат Ахраф Хакими и Ромелул Лукаку, а откако ја освои титулата, тренерот Антонио Конте исто така го напушти клубот поради лошата финансиска состојба.
Семејството Жанг се повеќе размислува за продажба на италијанскиот шампион, се споменува сума од една милијарда евра, а првите разговори за тоа веќе беа одржани минатиот месец со претставници на фондот од Саудиска Арабија. Преговорите започнаа на 15 септември, кога Интер играше против Реал, а Саудијците сега бараат начин како да ги заобиколат правилата на УЕФА што велат дека не можат да поседуваат два клуба што играат европски натпреварувања во исто време.
„Долгорочно, оваа ситуација е неодржлива за Интер и сигурно нешто ќе се промени во сопственичката структура на Интер во 2022 година“, пишува италијанската Ла Стампа.