Првиот четвртфиналист на ЕП е репрезентацијата на Франција. Во одличен натпревар полн со неизвесност ја совладаа Турција со 87:86 по продолжението…
Турците можат да се замислат како успеаја да го загубат мечот од Франција, во клучните моменти преовладуваше голема нервоза и Франција се врати од навидум безизлезна ситуација.
Турција беше таа која многу лошо го започна натпреварот и во втората четвртина заостана со 16 поени разлика, но навреме се врати и успеа да се приклучи на натпреварот.
Во третиот период, на седум и пол минути пред неговиот крај, Тарпеј погоди за 49:38 и тогаш Франција се загуви на паркетот. До крајот на четвртината Турција направи серија од дури 19:0 и стигна до удобно водство.
Французите во последниот период успеаја да се доближат на еден поен и се влезе во неизвесна завршница.
На 19 секунди до крајот Фуркан Коркмаз од линијата за слободни фрлања ја доведе Турција до 77:73, а на другата страна Томас Ертел брзо уфрли и Франција ја врати на минус два.
Сепак, на 12 секунди до крајот Луваву-Кабаро направи неспортски фаул, Турците имаа две слободни фрлања и напад и се беше во нивни раце. Сепак, Чеди Осман ги промаши двете фрлања, а Тунчер ја загуби топката. На другата страна, Фурние промаши, но Гобер скокна и заби за 77:77.
Се отиде во продолженија, каде Франција се одлепи на 87:82, но Турците намалија на минус еден. Кога Гоберт ги промаши двете слободни фрлања при 87:86, Турција имаше доволно време за напад, но Коркмаз заборави на топката при дриблинг и Турција загуби со 87:86.
Франција ја предводеа Руди Гобер со 20 поени и 17 скока , Томас Ертел 13 поени 7 асистенции и Еван Фурние 13 поени и 6 скока. За Турција Буграхан Тунчер постигна 22 поени, а Фуркан Коркмаз 18.
Европско првенство, осминафинале:
Турција – Франција 86:87 (77:77)