Кошаркарите на Панатинаикос триумфираа против Макаби Тел Авив со 81-72 во „мајсторката“ и се пласираа на завршниот турнир во Евролигата.
Екипата на Панатинаикос ја доби евролигашката „мајсторка“ со Макаби Тел Авив славејќи пред својата френетична публика. „Детелинките“ од Атина го скршија ривалот во последните десет минути и успеаја да се изборат за ново учество на завршниот турнир, прво по цели дванаесет години, податок кој буди радост кај газдата Јанакопулос кој е голем кошаркарски фанатик.
Натпреварот беше неизвесен сè до последната четвртина каде што Панатинаикос направи исчекор кон победата и не му дозволи на Макаби да се врати во игра, иако израелскиот тим во еден момент намали на шест поени негатива (67-73).
Најефикасен во победничкиот тим беше Нан со 26 поени, пет скокови и четири асистенции, додека Браун постигна 19 поени, четири скока и седум асистенции за Макаби.