Младата фудбалска репрезентација на Македонија го продолжува квалификацискиот циклус за ЕП 2023. По неочекувано лошиот резултат против Фарски Острови (1-1), време е селекцијата на Драган Канатларовски да покаже дека има капацитет и да го оствари првиот триумф.
Македонија важи за фаворит на денешното гостување против селекцијата на Ерменија.
„Отсуството на четворица стандардни првотимци реално е проблем за нас, но мораме да се соочиме со ситуацијата. Одиме на победа. Извлековме многу позитивни работи од дуелите со фаворитите во групата, Франција и Србија и се надевам дека резултатски ќе минеме многу подобро на октомвриските мечеви“, изјави Канатларовски пред оваа октомвриска сесија.
Можеби се потребни сериозни промени во составот. Ќе мора да се направат посебно во средниот ред, кој против Фарски Острови делуваше бавно и неинвентивно. Шанса треба да добијат фудбалери кои ќе можат да го разбијат бункерот на противникот. Нејасно е како на клупата во една таква ситуација седат Лука Станковски и Давид Тошевски.
Натпреварот меѓу младите селекции на Ерменија и на Македонија се игра во Ереван, со почеток во 16 часот.