После една недела пауза откако во Скопје прво падна Мешков Брест, па европскиот вицепрвак Алборг, следен предизвик е францускиот тим, екс-европски првак за кој Вујовиќ има многу добро мислење, потенцирајќи дека првпат нема никаков проблем околу изборот на ракометари, зашто сите се во комбинација за настап.
„Не знам како другите тренери размислуваат за Вардар, ама јас за Монпелје мислам сѐ најдобро. Станува збор за исклучителна екипа, историска, а сите француски екипи се добри. Свесни сме дека ќе биде многу тежок меч, но Вардар е во еден добар момент, ние сме меѓу двете екипи кои немаат пораз, ама сѐ уште има уште многу да се игра. Првпат немам проблеми околу бирањето кој да игра, зашто сега сите ги имам на располагање, па ќе видиме кој ќе влезе во тимот. Како и да е, Вардар првпат е фаворит во еден меч“, вели Вујовиќ.
Вардаровиот кормилар посочува дека тешко во денешниот ракомет да се победи со мал број на дадени голови, додавајќи дека тактика подготвува за секој противник.
„Денеска не може да се игра ракомет на мал резултат, зашто е многу тешко да добиете домашен меч со 24-25 гола. Ние подготвуваме тактика за секој противник и се адаптираме, ама не можете до добар резултат без добра одбрана. Имавме голема помош од голманите во претходните мечеви, зашто беа меѓу најдобрите во колото. Но, мојот стил останува ист, цврсто, силна одбрана. Само што денес во овој модерен ракомет и да примите 27-28 гола е успех. Врвните екипи како Барселона, Веспрем, ПСЖ редовно одат над 30 гола“, додава Вујовиќ.