Ракометарите на Македонија го играат вториот натпревар на ЕП во кој нема што да загуби, а може да добие – многу. Македонија вечерва против Германија (20.30 часот) во „Мерцедес бенц арената“ во Берлин ќе го одигра вториот меч на ЕП 2024. Момците на селекторот Лазаров ќе се обидат да го подобрат впечатокот по стартниот пораз од Франција (29-39).
Играме со многу поквалитетен противник, кој ќе има поддршка од дури 17.000 бучни навивачи на трибините. Ова е дуел кој може да донесе многу, особено во собирање потребно искуство, и дека заслужено се наоѓаме во друштво на најдобрите во Европа.
Селекторот Кирил Лазаров напомена, дека одбраната мора да биде подобра и поагресивна, ако сакаме да бидеме конкурентни во вечерашната пресметка. Против Франција одбраната како да не постоеше, примивме 39 гола во мрежата на фантастичниот Митревски, без да направиме ниту едно исклучување што е доказ за нашата неагресивност. Ова не смее да се повтори во пресметката со „панцерите“, бидејќи само со цврста одбрана би можеле да се надеваме на попозитивен резултат.
Атмосферата во националниот тим е на ниво, се работеше на исправање на направените грешки. Противникот е многу силен дури и бод како пред пет години во Загреб би бил еднакво на чудо, но нема однапред предавање. Се очекува во салата во Берлин да се појават и неколку стотици македонски навивачи, кои треба да бидат мотив и да им помогнат на нашите ракометари.
Претходно во нашата група, силите ќе ги одмерат Франција и Швајцарија (18 часот). На останатите терени на кои се играат средбите од ЕП ќе се сретнат Црна Гора и Исланд (18), Романија и Шпанија (18), Хрватска и Австрија (20.30) и Србија и Унгарија (20.30).