Ријад во Саудиска Арабија, вечерва ќе биде сцена на најголемото фудбалско дерби на планетата – „Ел Класико“. Борбата за Суперкупот на Шпанија ќе се води помеѓу Реал Мадрид и Барселона за првиот трофеј сезонава.
Во Ријад, кој е познат како „бисерот на пустината“ се игра финалето на шпанскиот Суперкуп. На стадионот „Алавал“, кој е дом на Ал Наср тимот на Роналдо, од 20:00 часот ќе започне првото големо овогодишно дерби на двата шпански гиганти.
Стратегот на Барса, Чави има повеќе проблеми со повредени играчи, но и Карло Анчелоти има главоболки во пресрет на вечерашниот дуел. Искусниот италијански тренер нема да може да смета на Алаба, Милитао и Куртоа, додека на спротивната страна повредени се Маркос Алонсо, Гави, Мартинез, Рафиња, Тер Штеген, а неизвесен е Кансело.
Љубителите на фудбалот ширум светот едвај го чекаат овој спектакл. Кој е фаворит на вечерашниот дуел? Нема фаворити на „Ел Класико“, сè е можно, сè е отворено. Доколку Барса триумфира вечерва ќе стигне до СТО освоени трофеи во својата историја, и со тоа ќе се израмни токму со Реал Мадрид. „Кралевите“ го освоија својот стоти трофеј минатата година во Кралскиот Куп, а Барса го освои 99-от со освојувањето на Примера.
Претходните две дерби средби завршија со победи на Реал 2-1 и 4-0, додека Каталонците беа подобри во вториот дел од минатата сезона – 2-1.