Партизан од Белград доживеа страшен нокаут во Полска – прими шест гола од Динамо Киев. Екипата на Партизан доживеа дебакл во првиот натпревар од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите.
Украинскиот тим славеше со 6-2 и веќе може да се подготвува за следниот предизвик на патот кон групната фаза во елитното натпреварување. Освен почетното водство со голот на Салдања од пенал, се одеше спротивно на желбите и амбициите на Партизан кој не беше надигран, туку поради неговите грешки беше демонтиран од далеку поквалитетниот противник.
Резултатот го отвори Салдања од сомнителен пенал во 22. минута и се до 41. минута Партизан имаше минимално водство. Затоа и неверојатно звучи податокот дека Динамо Киев на голем одмор замина со предност од 3-1 бидејќи Шапаренко, Бражко и Караваец постигнаа по еден гол во 41., 43. и 45. минута.
Кабаев зголеми на 4-1 во 55. минута, Салдања со својот втор погодок ги врати надежите на Партизан, но Попов и Пихаљонок ставија точка на кошмарната вечер на „„црно-белите“ во Лублин, каде што се играше овој дуел.
Реваншот во Белград се игра за седум дена, а Партизан ќе има исклучително тешка, веројатно и невозможна мисија да ги надополни четирите гола негатива и да се пласира во следната фаза.
Унгарскиот Ференцварош беше убедлив против ТНС и славеше со 5-0, а Адама Траоре беше стрелец на хет-трик.
Митјиланд на гости ја победи Санта Колома со 0-3, а Малме го победи Клаксвик од Фарски Острови со 4-1. Бодо/Глимт со 4-0 го совлада РФС, додека Јагиелонија со идентичен резултат славеше на гости против Паневезис.