Црвена Звезда од Белград ја надополни негативата од гостувањето кај Бодо Глимт и со домашен триумф од 2-0 на стадионот „Рајко Митиќ“ обезбеди место во новата ЛШ.
Белграѓани одиграа солидно пред домашната публика а Бодо беше во подредена улога. Полните трибини го сторија своето, затоа што секогаш е тешко да се игра во српскиот главен град во таква пеколна атмосфера.
Црвена Звезда дојде до предност во 25. минута од пенал, а најстрогата казна во гол ја претвори Бруно Дуарте. Во вториот дел домашните тргнаа на втор гол, тоа му успеа на Урош Спајиќ кој со глава погоди во 59. минута. Со двата гола минусот беше анулиран.
Во Лигата на шампионите се пласира и Слован Братислава, кој дома со 3-2 беше подобра од дански Митјиланд и со вкупни 4-3 обезбеди место во групите. Херој на словачкиот првак беше поранешниот вардарец Тигран Барсегјан кој на влезот во последните десет минути го постигна голот за победа.
Иако Славија Прага победи дома против Лил (2-1), чешкиот првак ќе мора да се задоволи со групи во Лигата на Европа поради победата на „догите“ во Франција од 2-0.