Големиот фудбалски талент на Барселона, Ламин Јамал, се надева дека еден ден ќе стане клупска легенда. Претседателот Жоан Лапорта неодамна ја одби понудата од 200 милиони евра за играчот и Барса има долгорочен план тинејџерот да го води тимот до нови успеси.
„Многу сум среќен што мојата работа и мојата игра се препознаваат, но фокусиран сум на следните натпревари. Навивачите треба да бидат мирни, има уште две години до крајот на следниот договор. Сакам да го поминам целиот мој живот во Барселона како Чави, Иниеста, Пујол и Меси. Се надевам дека ќе станам легенда на Барселона“, изјави Јамал, цитиран од „Мундо Депортиво“.
Оваа сезона Ламин Јамал настапи на 40 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи шест гола и седум асистенции. Вкупно, 16-годишниот фудбалер на теренот помина 2238 минути.