Без разлика на претходните најави, Горан Пандев сѐ уште не е сигурен пензионер, откако италијанските медиуми денеска пишуваат дека тој во моментов сериозно размислува дали да стави крај на кариерата или да одигра уште една сезона.
Пред почетокот на сезоната тој изјави дека неговиот опус ќе заврши на крајот од првенството, кога му завршува договорот со Парма каде што заврши по неочекуваниот прекин на соработката со Џенова на крајот од зимскиот преоден рок. Зад него е релативно разочарувачки период исполнет со повреди, поради што настапи на само 11 средби со еден постигнат гол и една асистенција.
Пандев без разлика што веќе има 39 години, пишуваат во Италија, сѐ уште има желба да биде актер на теренот без разлика дали тоа би било во Серија А, Серија Б или во некоја друга држава. Извори блиски до него велат дека е многу веројатно тој да ја пролонгира одлуката за пензионирање и да одигра уште една сезона, секако ако добие примамлива понуда за такво нешто.