Една од најпознатите аргентински новинарки Вероника Брунати објави ексклузивна вест дека најдобриот аргентински фудбалер Лионел Меси ќе се врати во Барселона на 1 јули идната година, кога ќе му заврши двегодишниот договор со Пари Сен Жермен.
Само неколку дена откако угледната „Марка“ објави дека далеку е враќањето на Меси на „Камп Ноу“, зашто Аргентинецот е луд и се чувствува предаден од клубот и Жоан Лапорта, откако беше приморан на веќе договорена нова соработка да си оди (поради финансискиот фер-плеј), сега сосема спротивна вест доаѓа од Аргентина и за очекување е дека светскиот фудбал ќе добие нова сага до идното лето, па секојдневно ќе се појавуваат најразлични информации.
Брунати е релевантен извор зашто долги години е во пријателски односи со Меси, но сѐ може да се случи преку ноќ во светскиот фудбал, зашто ни ПСЖ нема да се откаже од опцијата да го задржи Аргентинецот како што тоа го стори со Килијан Мбапе, кој 48 часа пред да објави дека останува во Париз, веќе беше потпишан со Реал Мадрид.
Дали ќе се оствари оваа најава од Аргентина ќе покаже времето, а најсреќни од сите ако се случи тоа секако ќе бидат навивачите на Барса, ама и раководството зашто со враќањето на Аргентинецот повторно ќе скокне и заработувачката од маркетингот.