Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ моментално се наоѓа на седмото место на АТП ранг-листата. Србинот падна од врвот откако пропушти многу турнири и два грен слема поради тоа што не е вакциниран против ковид-19.
Поранешниот тенисер Миша Зверев вели дека Ѓоковиќ може да игра на високо ниво уште некое време, но дека никогаш повторно нема да биде број 1 на ранкингот.
„Како што изгледа Новак моментално, може да игра уште три или четири години. Староста е само бројка ако правилно правите одредени работи на теренот и надвор од него, како Новак. Но, не знам дали повторно ќе биде број 1. Големото прашање е, дали ќе игра на Австралија опен? Ако не добие дозвола да игра и во подоцнежниот дел од сезоната повторно не се доделуваат поени на Вимблдон, тој би можел да остане без 4.000 поени на АТП“, вели Зверев.
Ѓоковиќ го освои Вимблдон, но не беа доделени АТП поени како санкција од тениската асоцијација, бидејќи Британците не им дозволија учество на руските и белоруските тенисери и тенисерки.