Милевски не гледа никаква поврзаност на овој меч со претходните три во 2020 година, двете ремија 1-1 и победата со 1-0 во клучниот бараж, додавајќи дека сѐ е различно, почнувајќи од селекторот Вили Сањол кој сега ги предводи Грузијците.
„Грузија е анализирана, не само последниот меч со Бугарија, одлична селекција се, одличен тим со одлични индивидуалци. Во Бугарија одиграа одличен меч, но секој меч е различен и посебна приказна. Така да овој меч со Грузија нема да биде ист како со Бугарија. Уште помалку нема никаква конекција со тој меч во Тбилиси“, вели Милевски.
Селекторот потенцира дека во овој момент на крај на сезона и со толку мечеви во краток период не може да се бара најдобро ниво од фудбалерите.
„И како тим и како индивидуалци имаат квалитет, ако им овозможиме ќе преовладаат на терен, но најважно е ние како ќе изгледаме, а утре секако ќе се прашува Македонија и за конечниот резултат. Овој период е таков што не може да бараме форма кога сте надвор од натпреварувачки ритам, но најважно е сите фудбалери што имаат желба и решителност да се успее. Секој меч е нов предизвик, што е поминато е зад нас и историја. Има разлика во играта на Грузија со сегашниот селектор, сѐ е поразлично од претходните мечеви со нас, но важноста на мечот не нѐ оптоварува премногу, подготовката е иста и главно е да се даде максимум за да се постигне успех“, додаде Милевски.