Лацио продолжува да игра во добра форма во италијанската Серија А. Небесно-сините ја забележаа четвртата победа во серија откако ја добија пресметката со Лече (1-0) пред својата публика на „Олимпико“.
Домаќините не блескаа, но успеаја да ги освојат трите бода пред својата публика. Човек на одлука беше Фелипе Андерсон. Играчот од средниот ред на Лацио го постигна првиот гол на „Олимпико“ од месец мај. Андерсон во 58. минута доби топка од Луис Алберто во казнениот простор и силно биеше во горниот дел од голот на Лече.
Лацио пред Лече успеа да ги победи Удинезе, Фросиноне и Емполи. Римјаните се на петтото место со 33 бода, исто колку што има и четвртопласираната Фиорентина. Во следната рунда Лацио игра на домашен терен во дербито со Наполи.