Македонската сениорска машка репрезентација пред заминувањето на Мундијалиот во Полска и Шведска одржа прес конференција на која беа присутни селекторот Кирил Лазаров, голманот Никола Митревски и левиот бек Филип Талевски.
Селекторот Лазаров е задоволен од сето она што досега го постигна оваа репрезентација, смета дека најдоброто допрва следува, а овие ракометари несомнено ја заслужуваат целата поддршка на јавноста.
„На почеток сме на уште едно големо натпреварување, мислам дека одработивме квалитетни подготовки, со четири квалитетни натпревари, со сериозни противници – Црна Гора, Хрватска и Израел и спремни го дочекуваме СП. Сакам да нагласам една работа, дека многу труд, ентузијазам и борба вложивме да дојдеме до посакуваното Светско првенство бидејќи сите знаеме, иако се повторуваме, дека во меѓувреме направивме тотална смена на генерации и заеднички, обединети, дојдовме до посакуваниот настан“, вели Лазаров.
„Момците треба да се охрабрат, да им се даде поддршка, затоа што имаа многу напорна година на репрезентативен план затоа што имаа едно ЕП, па два квалитетни баражи со екстра-квалитетни противници, Романија и Чешка, а ние успеавме да ги минеме за да го одржиме контиунитетот на големите натпреварувања и да и дадеме шанса на оваа млада генерација да продолжи по нашите стапки“, додаде Лазаров.
„Дел од репрезентативците беа на Медитеранските игри, дојдоа до полуфинале, тоа беше големо искуство за нив за ова СП. Во месец октомври имавме и два меча од квалификациите за ЕП во кои доминантно ги добивме Луксембург и Турција, без разлика што тие не се атрактивни, ние сме на чекор до ЕП 2024 во Германија. Затоа, им се заблагодарувам како селектор на нив и на сите. Мора да се пофалат сите за сработеното, но сега и кураж и храброст за она кое не чека во иднина. Ние сме во процес на подмладување, меѓутоа покажуваме квалитет и што е најважно имаме свој идентитет, нешто што Македонија ретко кога го имала. Не знам дали тој идентитет ќе носи победи или порази, но сигурен сум дека сме на добар пат“, додаде поранешниот капитен.
„Во првото коло играме со Норвешка, а верувам дека за брзо време, Македонија ќе стане Норвешка. Се работи за репрезентација која ќе се бори за медали, можеби и најсјаното одличје, меѓутоа ние сакаме и го одиме истиот пат и знам дека ќе станеме квалитетна репрезентација, исто како и скандинавските, како и оние кои значат во светскиот ракомет“, вели Лазаров.
„Малку ме загрижува здравствената состојба на Никола Митревски и Филип Талески, тие го одработија првиот тренинг, се во добра состојба, ама ќе бидеме претпазливи. Двајцата не се на 100%, меѓутоа се надевам дека како ќе поминува времето, ќе бидеме комплетни. Не очекува еден турнирски систем, со многу натпревари во краток рок. Мора да бидеме претпазливи како ќе ги издозираме сите играчи. Не смее да бидеме еуфорични кога ќе победиме, не смееме да тагуваме кога ќе загубиме. Имаме една нова Македонија“, заврши селекторот.
Македонија со чартер лет ќе отпатува за Краков, каде ќе ги одигра сите три натпревари од првата групна фаза. Конечниот список на патници на ракометниот Мундијал ќе биде познат по утрешниот тренинг. Нашиот национален тим е во група со Норвешка, Холандија и Аргентина, а најдобрите три од четири селекции патуваат во втората рунда.